Комити бесни: Празни трибини и полна ложа, зарем на тоа се сведува мак-фудбалот

Навивачите на Вардар не го кријат незадоволството откако не можеа да ги бодрат своите миленици на денешниот гостински дуел против Гостивар, што се играше на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

Популарните „Комити“ повторно реагираат поради забраната за присуство на меч на кој нивниот тим е гостин, откако гостиварци решија овој дуел да се игра пред празни трибини, па полицијата ги спречи вардаровите фанови да влезат на стадионот.

„ЗА ВАРДАР СЕКОГАШ И СЕКАДЕ!

Не е повеќе прашање зошто, туку КОГА еднаш засекогаш ќе се застане на патот на самоволието, кое повеќе од 30 години, во континуитет го разорува македонскиот клупски фудбал? Празни трибини и полна ложа. На тоа ли се сведува денес ПМФЛ? На полициски кордони чија единствена цел е – стадионот да остане празен? На желбите на поединци поголеми од интересот на навивачите? На башибозукот кој се наметнува како правилен принцип на функционирање или на постојаното летање во место, кое со децении го пеплосува мак фудбалот…

Неколку стотина членови на групата, денес без разлика на дождот и на фактот дека нема да присуствуваат на натпреварот, сепак се упатија кон стадионот. Свесни бевме дека нема да влеземе, но исто така мора да се свесни СИТЕ кои стојат зад овие апсурдни одлуки, дека Комити никогаш нема да се откажат, ниту да потклекнат пред истите. До коска за Вардар! Упатуваме поддршка до фудбалерите на теренот, за храбрата игра, како и до стручниот штаб. Заедно до целта!“, се вели во соопштението на „Комити“.

Се вчитува...