Навивачката група „Комити“ на социјалните мрежи испрати соопштение во кое наведе дека одредени поединци од обезбедувањето на ракометниот натпревар помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар одигран во Битола нападнале членови на групата која гостуваше во „Боро Чурлевски“.
Соопштението на „Комити“ ви го пренесуваме во целост:
„На вчерашниот натпревар, одигран во Битола, повторно бевме сведоци на лоша организација и низа на пропусти, како од страна на домаќинот, така и од страна на СВР Битола.
Првично, би сакале да напоменеме дека пред самиот влез на Битола, пристигнавме речиси еден час пред натпреварот, но под изговор дека се чека дозвола од страна на сообраќајната Полиција од Битола, бевме држени се до 17:55ч. кога на само пет минути пред почетокот на натпреварот, конечно се упативме кон салата ,,Боро Чурлевски.”
Револтот беше огромен, затоа што токму одлуката да дојдеме порано, беше донесена со цел избегнување на сите гужви, тензични ситуации и секако со цел навремено пристигнување во сала и давање максимална поддршка на нашата екипа!
Сепак, кулминацијата на целиот настан се случи токму пред влезот на салата, каде што без било каква провокација од наша страна, наши членови беа нападнати од страна на обезбедувањето, кое се дрзна покрај се да употреби и пендрек поради што неколку наши членови се здобија со повреди.
Репресијата е нешто со кое се соочуваме со години, во било која форма. Но личната фрустрација на поединци е нешто недозволиво, нешто на кое ќе мора институциите, пред се управата на Еурофарм Пелистер да поработи и тоа час поскоро. Подобро вие отколку ние, затоа што ,,нареден пат” нема да има!
Упатуваме честитки до нашиот тим за борбеноста и затоа што ниту во најлошите мигови не се предадоа. Напротив, носени од нашата песна, со одличната игра во второто полувреме, покажаа менталитет и беа на чекор до целосен пресврт. Само заедно сме најдобри!За крај, би сакале да го поздравиме заедничкото навивање со н.г. ,,Чкембари Битола”, посветено на татковината, а кон кое повремено се приклучуваше и поголем дел од публиката во салата!
Нашата мила Македонија, нé одгледала за да ја браниме! 🇲🇰“, стои во соопштението.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА