Вардар дојде до првата победа во СЕХА-лигата, по претходниот пораз од Татран Прашов, триумфирајќи во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје против Партизан со 31-26.
Во извонреден амбиент создаден од „Комитите“ е пред околу 4.000 свои фанови во „Јане Сандански“, „црвено-црните“ сосема заслужено дојдоа до победата која во ниту еден момент не беше доведена во прашање иако Партизан се закани на почетокот од второто полувреме.
„Црвено-црните“ во текот на целото прво полувреме ја контролираа играта и резултатот со постојано водство. По само 18 минути игра Вардар дојде до четири гола предност од 12-8, одржувајќи ја таа разлика се до пред полувремето на кое се замина со предност од само два гола разлика за „вардарци“ (16-14).
Во второто полувреме многу повеќе грешки во играта на Вардар и во одбраната и во нападот, па во 37. минута Партизан дојде и до израмнување на резултатот (19-19). Сепак, Вардар созамајќи се потоа во 47. минута со голот на Гоце Георгиевски дојде повторно до три гола разлика (24-21), а веднаш потоа и до највисоката предност од четири гола разлика (25-21).
До крај само рутински се одржуваше предноста за конечна победа од 31-26.
Вардар до победата дојде на крилјата на македонските репрезентативци Дејан Манасков и Филип Талевски кои постигнаа по 9 гола, а седум гола запиша и Стојанче Стоилов. Одличен беше и засилувањето Јагуриновски кој заврши со два гола, но изнуди и пет удари од седум метри, како и голманот Томовски кој беше одличен со 11 одбрани.
Кај Партизан се издвои Зечевиќ со 7 гола, а Иван Мичиќ имаше пет од пет на крајот. Голманот на црно-белите Андреј Трнавац мечот го заврши со 14 одбрани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА