Комо ги собира ветераните на едно место

Комо по подолга пауза успеа да обезбеди влез во Серија А, а раководството на овој италијански прволигаш се реши за ангажман на неколку искусни засилувања што би требало да бидат од помош во борбата за опстанок наредната сезона.

Комо во текот на вчерашниот ден го потпиша 41-годишниот голман Пепе Реина, а од денеска нов член на Комо е уште еден поранешен фудбалер на Ливерпул. Станува збор за левиот бек Алберто Морено, кој на 32-годишна возраст реши да се пресели во Италија по истекот на неговиот договор со Вилјареал.

„Среќен сум што тргнувам по ново искуство во кариерата. Калчо-лигата е една од најсилните во светот, со бројни врвни фудбалери и со богата историја“, изјави Морено по потписот на едногодишниот договор со Комо.

Претходно овој клуб потпиша и со искусниот дефанзивец Досена од Калјари, потоа и со голгетерот Андреа Белоти од Рома, а многу блиску до потпис се наоѓа и дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Рафаел Варан.

Тренер на Комо е поранешниот шпански репрезентативец Цеск Фабрегас, кој по добивањето на УЕФА Про лиценца и официјално потпиша четиригодишен договор како шеф на стручниот штаб на оваа екипа.

Се вчитува...