Баерн Минхен планира да доведе неколку квалитетни засилувања во текот на летниот преоден рок, но тоа ќе мора да значи и заминување на првотимци од ланскиот тим на Томас Тухел. Германските медиуми најавуваат дека прв на листата на заминувања се наоѓа Матијс де Лихт, кој пристигна како големо засилување вредно 67 милиони евра од Јувентус, но не успеа да се наметне како лидер на одбраната на баварскиот гигант.
Баерн е во завршна фаза од преговорите за ангажман на Тах од Баер Леверкузен, а во ситуација кога во тимот ги има и Де Лихт, Ким и Дајер јасно е дека еден од стандардните од ланската сезона ќе мора да си замине. Изборот падна врз Де Лихт поради фактот дека Холанѓанецот се уште има висока вредност на пазарот, па баварците се надеваат на отштета од над 60 милиони евра, а згора на тоа би се ослободиле и од големата плата што му е загарантирана со договорот до јуни 2027 година.
Трансферот на Тах не би требало да надмине 40 милиони евра, па Баерн би инвеститрал и значаен дел од парите во ангажман на Палниња од Фулам, како главно засилување за средниот ред.
Новиот тренер Винсен Компани дал зелено светло за вакви рокади во играчкиот кадар, а се очекува на излезна врата да се најде и капитенот Џошуа Кимих, кој влегува во последната година од договорот и нема намера да ја продолжи соработката со баварскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА