Баерн Минхен конечно најде нов тренер откако денеска и официјално беше потпишан договор со Винсент Компани, кој ќе го предводи баварскиот гигант како наследник на Томас Тухел.
Најтрофејниот германски клуб уште пред неколку месеци објави дека летово ќе се раздели од Тухел, но во меѓувреме се соочи со неочекувани проблеми откако Чаби Алонсо, Јулијан Нагелсман и Ралф Рангник сите ја одбија понудата да се преселат на „Алијанц Арена“. Потрагата продолжи, пропадна дури и обидот за помирување со Томас Тухел, за на крајот изборот да падне врз Компани.
Поранешниот белгиски дефанзивец доаѓа на чело на Баерн од клупата на Барнли, откако со овој тим не успеа да обезбеди опстанок во Премиер-лигата.
„Со нетрпение го очекувам овој предивик. Голема чест е да работам во Баерн, клуб што е институција во европскиот фудбал. Како тренер, секогаш сакам мојот тим да ја има топката, да биде креативен, но истовремено да биде и агресивен и храбар кога топката е кај противникот. Со нетрпение го очекувам поставувањето на темелите, да работам со оваа група исклучителни фудбалери, не се сомневам дека ќе имаме успех“, изјави Компани.
Договорот што белгискиот стратег го потпиша со баварскиот гигант е со важност на три години и истекува на 30 јуни 2027 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА