Баерн Минхен максимално амбициозно ја очекува новата сезона со сериозни финансии издвоени за засилувања. Досега се потрошени 100 милиони евра, а се планираат и дополнителни освежувања на играчкиот кадар. Но, ќе има и заминувања од клубот.
Новиот тренер Винсент Компани доби солидна поддршка за трансфери, па донесени се Мајкл Олиси од Кристал Палас, Жоао Палиња од Фулам и Хироки Ито од Штутгарт. А, од заминувањата, клубот веќе работи на продажба на Матијас де Лихт на Манчестер јунајтед, додека Алфонсо Дејвис би можел да заврши во Реал. А, неизвесна е судбината и на легендата Џошуа Кимих.
Договорот на Кимих му истекува во јуни следната година, а клубот не планира продолжување. Како што пренесува „Билд“, ПСЖ го следи Кимих кој, пак, не сака во Париз. „Билд“ дополнува дека Компани веќе го отпишал Кимих, па затоа за него постојат две опции – или да го напушти сега клубот или да го продолжи договорот под полоши услови. Во спротивно ќе мора да седи на клупата за резервни фудбалери. Моментално Германецот заработува 15 милиони евра годишно, плус пет милиони евра бонус. Намалувањето на платата би се движело и до 50%, но прашање е дали Кимих ќе го прифати сето тоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА