Познати се сите шампиони на петте трети фудбалски лиги на Македонија кои годинава ќе играат бараж за пласман во единствената Втора лига. Деновиве ќе биде познато кога ќе биде извлечена ждрепката и кој со кого ќе игра и на кои терени. Се очекува уште да биде познат и учесникот од Втората лига кој ќе се бори за опстанок во неа за да се комплетира листата на учесниците.
Првиот клуб кој беше промовиран како првак беше Вардар од Неготино, кој убедливо триумфираше во Трета лига – Југ, забележувајќи 18 победи на 19 одиграни натптревари со фантастична гол разлика од 89-9. Тренер на Вардар, долгогодишен учесник во Втората лига на Македонија, е Љупчо Димитковски. И минатата година Вардар играше бараж, но беше елиминиран од Караорман по изведувањето на пенали бидејќи во регуларното време мечот заврши без победник 0-0. На свеченоста по повод освојувањето на првото место во лигата, во Неготино присуствуваше и комесарот за натпревари на Третата лига – Југ, Томе Шескокалов кој го предаде пехарот на капитенот на Вардар, Дарко Мојсовски.
Вториот учесник во баражот е Новаци, поранешниот член на Првата лига на Македонија и долодишен второлигаш во времето кога со успех го водеше тренерот Кире Груевски. Го освои првото место во Третата лига – Југозапад, кој на 18 одиграни натпревари забележа 15 победи, едно реми и два порази, со гол разлика 47-17. Тренер на екипата е поранешниот македонски репрезентативец Горан Ставревски.
Уште еден познат поранешен член на Првата и Втората лига, дури и победник на Купот на Македонија во 2005 година и учесник во натпреварите во Купот на УЕФА, е Башкими од Куманово, шампионот на Третата лига – Север. На 25 натпревари има постигнато 22 победи, со два порази и едно реми, со одлична гол разлика 89-18. Тренер на екипата е Муарем Ристеми.
Во баражот ќе учествуваат уште две екипи поранешни членови на Првата и Втората лига на Македонија. Тоа е Осогово од Кочани, шампионот на Третата лига-Исток. Билансот на Осогово е 15 победи, два порази и три реми меча, со гол разлика 62-18. Екипата во годинашново првенство ја предводеше Ефтим Аксентиев.
И последниот учесник, поранешен прволигаш и второлигаш е Велазерими 1977 од Кичево првак на Третата лига – Запад, кој на 11 средби забележа 11 победи, со гол разлика 40-5. Во лигата учествуваа само 7 клуба, бидејќи во текот на првенството три екипи се откажаа. Тренер на Велазерими е Назми Ајдини.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА