КОМПЛЕТНАТА БИОГРАФИЈА на фудбалскиот КРАЛ: Тажно детство, фудбалот како опсесија, три светски круни, ненадминат феномен, обожуван од сите!

Светот остана без најпрепознатливото име во историјата на фудбалот Бразилецот Едсон Арантес до Насименто, или накратко ПЕЛЕ, кој денеска почина на 82-годишна возраст по долгата битка со ракот на дебелото црево.

А, биографијата на Пеле е живописен пример за тоа како соништата стануваат реалност. Неговите огромни спортски достигнувања го доведоа до признанието – најдобар спортист во минатиот век! Најголемиот во фудбалот кој уште долго ќе остане на врвот!

Детството…

Едсон Арантес до Насименто – Пеле е роден на 23. октомври 1940 година во Трес Корачес, државата Минас Гераис во Бразил. Растел во сиромашно семејство со малку пари затоа што татко му и не бил комплетно работоспособен откако бил ранет.

Родителите на Едсон не можеле да си дозволат којзнае какво школство па затоа главната забава за нивните деца во доцните четириесетти години од минатиот век бил дворот и фудбалот. Од рана возраст, момчето станува зависно од фудбалот и со часови, денови и ноќи дворот бил единствено негово засолниште.

Таткото на Едсон, кој и самиот бил поранешен фудбалер, веднаш го забележал зародишниот фудбалски талент кај неговиот син. Почнува самиот да го тренира и веќе на седумгодишна возраст, Едсон бил поканет во детскиот фудбалски тим на државата во која е роден.

Тренерот на тимот, поранешниот бразилски репрезентативец Валдемар де Брито уште повеќе му го свртел вниманието кон фудбалот на малиот офанзивен фудбалер.

Токму затоа Де Брито ја игра една од најважните улоги во биографијата на Пеле. Тој лично го однел и во фудбалскиот клуб Сантош. Така, на петнаесетгодишна возраст, Пеле стана играч во еден од најпознатите клубови во Бразил.

Фудбалската кариера…

Пеле играше за Сантош цели 18 години (од 1956 до 1974 година). За тоа време, го освојува шампионатот во Сао Паоло – 11 пати. Во сезоната 1958 година, постигна 58 гола што го издвои како најдобриот стрелец во историјата на фудбалот во еден шампионаот. Со Сантош го освои и шест пати Купот на Бразил.

А 1970 година беше најтриумфална година не само за неговата биографија, туку и за целиот тим. Репрезентацијата на Бразил оваа година со својот најдобар состав дојде до титулата на Светското првенство. Ниту пред, ниту после тоа, репрезентацијата на Бразил не можеше да се пофали со ваков состав на играчи. На последниот натпревар на СП 1970 против Мексико, Пеле го постигна 100-от гол за репрезентацијата на Бразил. По оваа победа, тој стана единствениот играч кој успеал да освои три трофеи светски шампион!

По напуштањето на ФК Сантош во 1974 година., неговата одлука да игра за американскиот фудбалски клуб „Њујорк Космос“ беше неочекувана за милиони фанови. На оваа одлука влијаеја тешките материјални услови во кои се најде фудбалерот.

Втора причина за ваквата одлука е, како што самиот тогаш изјави, за популаризација на фудбалот во САД. Американскиот клуб го направи Пеле најплатениот фудбалер на светот. За возврат, Пеле отвори вистински „европски фудбал“ за Американците. Милиони Американци доаѓаа да го гледаат славниот Бразилец. За две години од неговата кариера во Њујорк, посетеноста на американските фудбалски стадиони се зголеми за десет пати.

Најубавиот негов гол…

Во 1961 година, на стадионот „Маракана“ во Рио Де Жанеиро, Пеле постигна извонреден гол против Флуминенсе, кој подоцна беше прогласен за „Гол на векот“. Денес овој стадион е украсен со меморијален знак посветен на овој гуру на фудбалските вештини. Иако, негов најубав гол се смета оној од 1959 година против Јувентус (СП)…

На 19 ноември 1969 година, легендарниот Бразилец го постигнува својот илјадити златен гол. Ова се случи за време на натпреварот против Васко да Гама. Овој настан беше обележан со издавање на поштенска марка. Исто така, 19. ноември во Бразил секоја година се слави како Ден на Пеле.

Проштален натпревар…

Пеле го одбележа своето повлекување од фудбалот со проштален натпревар на 1. октомври 1977 година. Тој го одигра пред преполниот стадион, играјќи едно полувреме за екипите на Сантош и Њујорк Космос.

Повеќе од 77 илјади навивачи дојдоа да го гледаат последниот натпревар на нивниот идол, меѓу кои имаше и голем број светски ѕвезди.

Кога мечот заврши, небото беше неочекувано покриено со големи облаци, почнувајќи да врне пороен дожд. Возбуден, Пеле плачеше заедно со сите свои обожаватели и пријатели. Фотографијата од овој трогателен момент експресно се прошири низ светските медиуми.

Феноменот Пеле

Пеле е единствениот фудбалер кој има освоено три светски првенства во 1958, 1962 и 1970 година. Учествуваше на 4 светски првенства во фудбал. Според ФИФА, тој е овековечен како најдобар фудбалер на 20 век. Меѓународниот олимписки комитет го призна за најдобар спортист во минатиот век.

Како дел од репрезентацијата на Бразил, тој одигра 92 натпревари, на кои 77 пати го погоди противничкиот гол. Овој рекорд сè уште не е надминат од ниту еден фудбалер во светот.

Тајната на Феноменот Пеле се крие во природниот талент и извонредната напорна работа. Неговите спринт вештините не можеа да бидат надминати долго време од ниту еден друг играч. На пример, тој истрча 100 метри за 11 секунди. Повеќекратни тренинзи му дозволија да изведува потези со голема брзина со импровизација, својствена само за него.

Кариерата на Пеле по повлекувањето од фудбалот

После повлекувањето од фудбалот, Пеле започна активно да ги поддржува младите фудбалски тимови. Во 1981 година, беше снимен и филм за него, „Лет до победата“.

Од 1995 до 1998 година, Пеле беше на чело на бразилското Министерство за спорт. Во 1999 година, со одлука на МОК, тој беше прогласен за најдобар спортист на векот. ФИФА ги прогласи потоа Пеле и Марадона за најдобри фудбалери на 20 век.

Од 90-тите години на минатиот век, тој е амбасадор на добра волја (ООН и УНИЦЕФ).

По повлекувањето од спортот, поранешниот напаѓач започна со деловна активност и започна да го произведува кафето „Кафе Пеле“, веќе познат бренд низ целиот свет.

Личен живот…

Пеле беше во брак трипати. Неговата прва сопруга беше Бразилката Роземери дос Реис Шелби со која беа заедно 16 години. Но, тие приватни години не се совпаднаа со врвот на кариерата на еден фудбалер. Нивната венчавка се одржа во 1966 година. Од овој брак тие имаат три деца, Кели-Кристина, Едисон, Џенифер.

Цели 12 години по разводот, на 54-годишна возраст, Пеле се ожени повторно. Неговата нова сопруга Асирија му роди на легендарниот фудбалер уште две деца, близнаците Џошуа и Селесте. Во 2008 година заврши бракот на двојката.

Во 2016 година, се случи уште еден радосен настан во личниот живот на 76-годишниот Пеле. Тој се ожени со Марсија Сибели Аоки. Неговата трета сопруга е со јапонско потекло и е претприемач во Бразил.

Последните години на Пеле…

Во 2016 година беше снимен и биографски филм „Пеле – Раѓање на легендата “, во кој легендарниот фудбалер раскажува како се постигнуваат големи победи, открива некои од тајните на неговиот личен живот.

Во 2018 година, Пеле активно се вклучи и во промовирање на фудбалот во светот, и како консултантски тренер и ТВ коментатор.

Поради проблеми со грбот, тој не беше во можност да присуствува на Светското првенство 2018 во Русија, иако неговата посета беше планирана однапред.

Не дочека, и покрај тоа што многу посакуваше, да го види својот Бразил и на врвот на Светското првенство 2022 во Катар!

Се вчитува...