ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ во пресрет на вечерашниот дуел со Македонија во второт коло на ЕП, детално ја анализира играта и ги прецизно ги детектира промените што ги воведува Раул Гонзалес. Иако прет почетокот на ЕП, од таборот на Црногорците постојано се потенцираше дека најголема шанса за победа во групата имаат во дуелот со Македонија, сега Ѓукиќ на Македонија и дава улога на апсолутен фаворит. Анализирајќи го односот на силите во групата Ц, црногорскиот селектор има интересен став.
„Ако некоја екипа од нашата група може да ја победи Германија, тоа според мене, е само Македонија. Тоа тешко може да го сториме и ние и Словенците вакви какви што се сега со сите проблеми со повредите. Германија има широка клупа и најдоминантни голмани. Додека Македонија игра еден ракомет кој на Германија нема да и одговара. Со Германците ако влезете во тепачка и трчање по терен, тука сте поразени во старт. Но, Македонија игра поинаку. Ако Македонија победи во тој дуел во последното коло, тогаш тој резултат носи многу комбинации “ – истакнува Драган Ѓукиќ.
Црногорскиот селектор на Македонија и дава улога на апсолутен фаворит и во вечерашната пресметка. Иако, нагласи дека Црна Гора ќе се обиде да изненади и покрај сите адути што ги има Раул Гонзалес.
„ Факт е дека Македонија сега игра поинаква одбрана. Во нападот може да се каже дека оските се исти како што беа во изминативе години – двајца најдобри стрелци Лазаров и Манасков и двајца играчи кои се многу важни на среден бек каде минутажата ја делат Миркуловски и Прибак и двајца пикери Стоилов и Пешевски кој играше помалку но може да биде многу опасен. Ги гледавме натпреварите на македонската репрезентација, Македонија сега има многу поширок избор“ – вели Ѓукиќ.
Фокусот на Црна Гора сепак ќе биде многу повеќе насочен кон тоа ккао да се пробие македонската одбрана и да се совладаат голманите кои може да одиграат и тоа како важна улога на вечерашниот дуел.
„Тешко е да се сопре Македонија во нападот затоа што тие сега играат карактеристичен шпански ракомет во нападот, шах-мат каде точно се знае кој каде стои и како игра. Но, тие напади се надеваме дека ќе ги одбраниме. Она што никогаш не може да го одбраните е имагинацијата на Кирил Лазаров кој е во состојба сам да го поведе тимот на свој грб. Ние овој пат ќе имаме задача да најдеме решение за една поинаква одбраната. Факт е дека сега Македонија има две одбрани, лани имаше само една. Сега има 5-1 со сите доблести и маани и има 6-0 со некои други играчи на друг начин. Кога ќе го поминете тоа, ве чекаат добри голмани. Митревски покажа брани во одлична форма“ – вели црногорскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА