Женската фудбалска репрезентација на Македонија по подолг период конечно се израдува на победа во квалификациски натпревар. Нашите најдобри фудбалерки славеа убедлив триумф (4-1) против Казахстан и покажаа дека има забележителен напредок во работата под раководство на селекторот Кирил Изов.
По враќањето на неколку наши фудбалерки интернационалки во националниот тим, предводени од Наташа Андонова, сега женската репрезентација не е веќе вреќа за боксирање на противниците. По поразот од Австрија, дојде и првата победа, и тоа убедлива против Казахстан (4-1) на комплексот „Петар Милошевски“.
Наташа Андонова го отвори резултатот во шестата минута, Гентјана Рочи во 14.минута го зголеми водството на 2-0, а Андонова од пенал погоди и за уште поубедливо во водство во 28.минута. Почесниот погодок за Казахстан го постигна Мјасникова во 73.минута, а само две миути подоцна Гентјана Рочи со својот втор гол го постави конечниот резултат, 4-1 за Македонија. Во финишот, беа доделени два црвени картони, за македонската репрезентативка Јулија Живиќ и за фудбалерката на Казахстан, Аида Каистенова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА