Конечно, и Хуан Фелипе се приклучи на Вардар

По цели две недели од почетокот на подготовките на „вардарци“, бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе денеска се приклучи на подготовките на екипата во Анталија.

Како што информираат од клубот, на теренот на хотелскиот комплекс „Каја Палацо“, Фелипе почна да тренира и да се подготвува за пролетниот дел од сезоната. Од Вардар потенцираат дека Фелипе добил ‘неколку дена дополнителен одмор, со оглед на фактот дека беше дел од сите 33 натпревари од есенскиот дел од сезоната’.

„Добро се одморив од напорниот есенски дел, и сега важно е јас, како и целиот тим добро да се подготвиме за вториот дел од сезоната. Нашите цели и амбиции се познати од порано, а тоа се атак на два фронта и се надевам дека ќе успееме во оваа сезона која за нас е историска со играњето во групната фаза од Лигата на Европа. Сега останува само низ тренинзите тука во Анталија и низ пријателските натпревари, подготвени да го дочекаме стартот на пролетниот дел од сезоната. Посакувам сите да бидеме здрави и подготвени за натпреварите од првенството и од Купот“ – вели Фелипе за клупската интернет страница.

Вардар вчера го одигра вториот тест дуел за време на подготовките во Анталија, победувајќи го Берое со 1-0. Претходно загуби од узбекистански Пахтакор со 0-2.

Се вчитува...