Калвин Филипс конечно стави крај на авантурата во Манчестер Сити што се покажа како големо промашување, откако искусниот играч за врска во ниту еден момент не успеа да се наметне кај Пеп Гвардиола по трансферот од редовите на Лидс.
За услугите на Филипс се интересираа и Баерн Минхен и Јувентус, но на крајот тој реши да остане во Премиер-лигата. Вест Хем ќе биде новиот клуб на борбениот играч за врска откако „чеканите“ се договорија со Манчестер Сити околу висината на отштетата, и тоа за шестмесечна позајмица. Во договорот на двата клуба има и клазула за откуп на крајот од сезоната, но таа не е задолжителна и Вест Хем ќе може да ја активира само доколку лондонскиот клуб е задоволен од она што Филипс ќе го прикаже во неговиот дрес.
Фудбалерот не ја крие желбата да се обиде да се наметне за место во англиската репрезентација за претстојниот европски шампионат. Токму затоа тој од неколкуте понуди ја избра онаа на Вест Хем, клуб каде реално би требало да има поголема минутажа од она што би го добивал во Јувентус или во Баерн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА