Асистентот на Жељко Обрадовиќ на клупата на Партизан, Јозеп Марија Искјердо, гостувајќи на спортски подкаст откри дека трофејниот тренер имал многу проблеми со сегашниот тим.
Обрадовиќ еден месец пред заминувањето наговести дека ќе ја напушти клупата на Партизан, освен ако нешто не се промени. Шпанецот беше многу конкретен по ова прашање, па објасни за што се работи.
„Ова не е она што го сакавме, но во сè лошо се обидувам да ја најдам позитивната страна. Како што реков, бев отсутен од дома тринаесет години, ако го исклучиме периодот на пандемијата. Сега ја користам можноста да бидам дома со моето семејство“, рече Шпанецот и додаде:
„Беше ќорсокак. Тоа беше единствениот начин да се запре страдањето бидејќи немаше друг крај. Всушност, еден месец пред оставката, тој веќе ми кажа дека ако работите не се сменат на подобро, ќе го напуштиме клубот. Тој сакаше новиот тренер да има време за време на преодниот рок на ФИБА, да може да го подготви тимот. И токму тогаш дојде оставката. Уште месец дена пред тоа ми рече дека ќе мора да заминеме ако ситуацијата не се подобри.“
Обрадовиќ веќе почна да зборува за тоа еден месец пред да ја донесе својата одлука.
„Да, така беше. Мора да се каже дека новите генерации имаат некои свои вредности, етички и морални принципи, како и став кон работата и трудот што се многу поразлични од она во минатото. Ситуацијата стана таква што не можеше да се преговара, едноставно немаше излез. Опциите беа или да се брза со промена на не знам колку играчи, што Жељко апсолутно не го сакаше тоа затоа што не сакаше да ги троши парите на клубот, или да си заминеме. Тој сакаше некој друг да дојде, кога веќе не може тој самиот, кој има поголема моќ да ја сврти ситуацијата во полза само на Партизан. Никогаш не сакаше Партизан да пати поради нешто, и затоа го направи тоа“.
Според шпанскиот тренер, играчите не верувале целосно во пристапот на Жељко Обрадовиќ, како и во неговиот тренерски штаб.
„Веројатно, повеќе од тоа дали беа Американци или не, фактот дека станува збор за играчи кои не знаеја што е Партизан, што е Жељко Обрадовиќ, што е Евролига, Европа, Србија или Белград. Без оглед на националноста, проблемот беше што не знаеја каде се. Не стануваше збор за еден или двајца играчи. Имаше група играчи кои не се согласуваа или не им се допаѓаше начинот на кој Жељко го водеше тимот, и тие јасно го покажаа тоа“, рече Шпанецот и додаде:
„Веднаш по поразот, начинот на кој загубивме од Панатинаикос, што беше денот кога дефинитивно одлучи, тој ни рече во тренерскиот штаб дека ќе застане тука и дека тоа е крајот. Ни рече дека имаме договори и дека мора да продолжиме, нè замоли да останеме, а јас му одговорив ако си замине, тие победуваат. Му реков да го исфрли од тимот кого сака и да продолжи понатаму, бидејќи можеме да го изведеме тоа. Ми рече дека нема да го стори тоа. И како што времето минува, секој ден сум сè посигурен и убеден дека тоа беше единственото решение“.
Искјердо се обиде да им објасни на Шпанците колку Партизан значи за Жељко Обрадовиќ.
„Партизан, тоа е неговиот живот. Беше дома со своите пријатели во Белград, се врати по 30 години минати надвор. Тоа е клубот каде што се формираше како човек и како играч, покрај клубот од градот каде што е роден, Борец од Чачак. Партизан претставуваше сè за него. Сето ова го правеше со многу болка, со голема вознемиреност. Ситуацијата стана таква што почна да го губи здравјето. Секој ден гледав дека неговото здравје се влошува. Ми кажуваше дека многу страда. Рече дека не заслужува ниту неговото семејство, ниту луѓето околу него, ниту самиот тој да страда толку многу. Затоа реши да престане и да дозволи некој друг, со посвежа крв, да го води понатаму Партизан!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

