Рикардо Калафиори во следната сезона ќе го носи дресот на Арсенал откако англискиот вицепрвак конечно постигна целосен договор со Болоња околу трансферот на овој фудбалер. Калафиори беше еден од најдобрите италијански фудбалери на ЕВРО 2024, привлекувајќи го вниманието на неколку европски гиганти откако пред ова ЕП Јувентус беше многу блиску до потпис со овој дефанзивец.
Сепак, цената скокна по добрите игри на европскиот шампионат, Јувентус отпадна од комбинација, а Арсенал долго време се натегаше со Болоња околу висината на отштетата. „Топчиите“ сепак на крајот попуштија, прифаќајќи ги условите на кои инсистираа „болоњезите“, за конечен чекор напред во преговорите.
Според денешните информации, италијанскиот клуб ја прифатил понудата од загарантирани 40 милиони евра, плус пет милиони поврзани со неколку клаузули, додека самиот Калафиори веќе ги договорил условите за петгодишен договор со Арсенал.
Се чека само уште договор меѓу Болоња и поранешниот клуб Базел за распределба на парите (според договорот од претходниот трансфер, Базел треба да добие 50% од сумата), па Арсенал и официјално да го претстави Италијанецот како свое ново засилување, нешто што се очекува да се случи во следните 48 часа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА