КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА: Аз Алкмар на пенали го елиминираше Андерлехт, Фиорентина се „коцкаше“ но не дозволи сензација (ВИДЕО)

Фиорентина се пласираше во полуфиналето во Конференциската лига на УЕФА, иако во реваншот со Лех Познањ си дозволи поигрување со нервите на навивачите. И покрај тоа што тимот од Фиренца победи со 1-4 на првиот натпревар во Полска, денеска на домашен терен загуби со 2-3.

Доволно за пласман во полуфиналето, но и тоа како драматично ако се знае дека Фиорентина дозволи Лех да поведе со 0-3, пред да дојде до конечните 2-3.

Полјаците поведоа уште рано, преку Соуса во 9.минута и го чуваа водството. Во второто полувреме домаќините беа шокирани во рок од пет минути, од 64. до 69.минута Прво на нивна сметка беше досуден пенал, по долго прегледување и во ВАР и од судијата Обреновиќ од Словенија, го реализира Велде, а потоа Солтех во 69. минута беше прецизен за 0-3.

Сепак, откако тренерот Италијано го освежи тимот Сотил намали на 1-3 во 78. минута, за потоа во втората минута од судиското продолжение Кастровили само да го ублажи поразот. Со вкупни 6-4, Фиорентина го мина Лех и се пласира во првото европско полуфинале по сезоната 2015/2016, кога беше елиминирана од Севилја во Лига Европа.

Противник во полуфиналето сега ќе и биде подобриот од дуелот меѓу Базел и Ница (2-2).

Полуфинале обезбеди и холандски Аз Алкмар откако дури по изведувањето на пеналите го елиминираше Андерлехт. Претходно, во регуларниот дел Аз Алкмар славеше со 2-0, идентично колку и што загуби на првиот натпревар во Белгија. Павлидис со два гола уште во 5. и во 13. минута донесе предност за Аз Алкмар кој успеа сето тоа да го сочува во регуларниот дел и во продолженијата, па на пенали да слави со 4-1.

Се вчитува...