Консеисао бесен на играчите: Нека дојде и најдобриот тренер во светот, некои работи не се учат…

Милан претрпе неочекуван пораз на гостувањето против Динамо Загреб со што „росонерите“ останаа без директен пласман во осминафиналето од Лигата на Шампионите.

Серџо Консеисао имаше одличен старт на тренерската авантура освојувајќи го Супер-купот на Италија, но португалскиот стручњак сега се мачи да го извлече максимумот од фудбалерите кои ги има на располагање. Не криејќи го незадоволството од играта и од резултатот, тој отворено ги критикуваше своите играчи за изданието во Загреб.

„Не можам да бидам задоволен, не само од резултатот туку и од изданието на мојот тим. Може да дојде и најдобриот тренер во светот, да го води Милан, но и тогаш ќе видите дека некои работи не се учат, туку фудбалерите мораат да ги носат во себе. Да бидат горди, да бидат желни за игра, ова е спорт полн со дуели, како во нападот, така и во одбраната. Ние во првите дваесетина минути воопшто не шутиравме, секогаш правевме потег повеќе, со многу индивидуални грешки. Секому може да му се случи да згреши, но не може да не се обидувате да ја поправите таа грешка. Можам да ви говорам за тактика, за динамика, но она што е клучно, треба да се покаже гордост и карактер. Без тоа, без агресивност во дуелите, не може да се надевате на успех“, изјави разочараниот Консеисао.

Се вчитува...