Серџо Консеисао имаше деби од соништата на клупата на Милан, откако новиот тренер за неколку дена ги победи Јувентус и Интер и се закити со трофејот во Супер-купот на Италија.
Португалецот не го крие воодушевувањето од успешниот старт, но истовремено и не дозволува еуфорија бидејќи е свесен дека неговиот тим го чека многу работа ако сака да фати приклучок кон врвот на табелата.
„Толку многу го посакувавме пехарот, игравме добро кога беше најважно и стигнавме до него. Пресреќни сме и тоа е факт, но факт е и дека се наоѓаме на 17 бода заостанување од врвот во Серија А. За клуб со 19 скудета и седум титули во ЛШ, само еден трофеј во Супер-купот не може да биде нешто задоволително. Почнувајќи од следниот меч, треба да ги заборавиме последните успеси и да се насочиме кон иднината. Видов многу натпревари од изминатиот период, јасно е дека има толку многу простор за напредок. Можеби титулата во моментов е предалеку, но мораме да стигнеме барем до Топ 4. Тоа е нашата цел во моментов“, изјави Консеисао.
Португалскиот стручњак важи за стратег кој секогаш бара максимум од сите свои фудбалери, Консеисао тоа го потврди и со денешната изјава околу статусот на Рафаел Леао во неговата екипа.
„Рафа Леао мора да трча. Дали игра како крило или како напаѓач, мора да трча и да му помага на тимот, ако не го прави тоа нема да игра. Сите знаеме колку е тој квалитетен кога да ја има топката кај себе, но мора да ни биде од помош и кога топката не е кај него“, гласно му порача Консеисао на својот сонародник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА