Јохана Конта продолжува да им носи радост на британските тениски фанови откако домашната миленичка успеа да ја совлада Симона Халеп и да се пласира меѓу четирите најдобри тенисерки на овогодинешното издание на Вимблдон. Конта по голема битка се врати од негатива од 0-1 во сетови и го сврте резултатот во своја полза, станувајќи првата Британка што по пауза од 39 години стигнала до полуфиналето во сингл во женска конкуренција.
Халеп има за што да жали бидејќи во тајбрејкот од вториот сет имаше водство од 5-4 и два сервиси, но загуби три поени во низа, со што и овозможи на противничката да добие на самодоверба и да слави во решавачкиот сет.
Со тоа Романката втор гранслем турнир по ред пропушта можност да се искачи на врвот на ВТА-листата. Триумф на Ролан Гарос ќе значеше прво место за Халеп, но таа загуби во финалето од Остапенко, сега на Вимблдон доволно и беше и пласман во полуфинале, но Романката повторно потклекна под притисокот. Од целата ситуација и прераните елиминации на Кербер и на Халеп најмногу профитираше Каролина Плишкова. Чешката тенисерка загуби уште во третото коло, но бидејќи не бранеше бодови од лани успеа да ги скокне и двете ривалки, па од понеделник токму Плишкова ќе биде нова прворангирана светска тенисерка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА