Одбранбениот играч на Атлетик Билбао, Ајмерик Лапорт, е желба на кормиларот на Челси, Антонио Конте, кој ја започна операцијата „наследник на Тери“ и веќе извесно време е во потрага по стопер. Многумина сметаа дека е невозможно да се замени легендарниот капитен, но Конте верува во квалитетите на Лапорт и смета дека Французинот е подготвен да го демантира тоа.
Лапорт беше пред преселба на „Етихад“ минатото лето пред почетокот на ЕВРО во Франција, но дефанзивецот се здоби со скршеница на ногата, па така трансферот од 45 милиони евра во Манчестер сити пропадна, а најразочаран за тоа беше Пеп Гвардиола. Во меѓувреме Лапорт потпиша нов договор со клубот од Баскија до 2020 година, а клаузулата за него е 65 милиони евра, но, доколку не замине од клубот до јули 2018 година, клаузулата ќе порасне на 70 милиони евра.
Иако Атлетик Билбао не сака да го продаде одличниот одбранбен фудбалер, сепак, во клубот се свесни дека тој е на листата на желби на најголемите европски клубови. Французинот со шпански пасош од 2012 година забележа 137 настапи во дресот на Билбао, ги има поминато сите млади селекции на француската репрезентација, но за сениорскиот тим се уште нема заиграно. Првата шанса требаше да ја добие на ЕП минатата година, но повредата го спречи за првпат да го облече националниот дрес на „триколорите“ на едно големо натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА