Конте беснее во Челси, ќе следи ли оставка?

Многу лесно може да се случи да дојде до заминување на Антонио Конте од Челси откако во последните триесетина дена дошло до сериозни тензии во таборот на англискиот првак. Англиските медиуми повикувајќи се на извори од највисокото раководство на клубот информираат за тензичната атмосфера што ја создава самиот Конте, поради слабите резултати во изминатиот период, но и неисполнетите ветувања од страна на управата кога станува збор за најавените засилувања. Според овие информации, италијанскиот стручњак создава крајно негативна атмосфера, влегувајќи во конфликт со фудбалерите, но и со дел од вработените во администрацијата на клубот.

Ова е ситуација со која Антонио не може да се носи. Тој е многу лош губитник, кога ќе влезе во лоша серија навистина полудува. Невозможно е да се најде начин да го смириме, бидејќи станува лут на стручниот штаб, на фудбалерите, на сите кои се дел од клубот“ – откриваат од раководството на Челси.

Во лондонскиот клуб се подготвени и за „црното сценарио“, на Конте да му „пукне филмот“ и самиот да си замине како што тоа беше случај со Јувентус пред неколку години. Италијанецот е свесен дека ја нема поддршката од управата откако беше дозволено Ромелу Лукаку наместо во Челси да се пресели во Манчестер јунајтед, а пребавно одат и преговорите за Алекс Сандро и за уште неколку фудбалери што Конте сака да ги види на „Стемфорд бриџ“. Од друга страна, раководството е бесно на тренерот поради начинот на кој ја реши ситуацијата со Диего Коста, уривајќи ја на тој начин цената на шпанскиот голгетер.

Челси неочекувано го загуби премиерниот меч од сезоната, на домашен терен од Барнли, претходно остана без трофејот и во Комјунити шилдс мечот со Арсенал, а играше слабо и на турнејата во Азија. Проблем повеќе е што во следното коло „сините“ му гостуваат на вицешампионот Тотенхем, каде евентуален пораз ќе значи и дополнително кревање на тензиите меѓу Конте и раководството на клубот.

Се вчитува...