Поразот на градското дерби од Тотенхем беше само уште една шлаканица за газдата Роман Абрамович, како доказ за погрешната одлука од пред повеќе од еден месец. Тогаш рускиот милијардер беше на прагот да му врачи отказ на Антонио Конте, но во последен момент се премисли, како причина наведувајќи го фактот дека тимот се уште беше во зоната на табелата која води во ЛШ (четврти на табелата во тој момент), а исто така се наоѓаше и во осминафиналето од елитното европско натпреварување.
Конте доби последна шанса да направи пресврт во сезоната, како што тоа го стори лани стигнувајќи до титулата, но веќе е јасно декa тоа е невозможно. „Сините“ претрпеа четири порази на последните шест средби во сите натпреварувања, елиминирани се од ЛШ, а веќе заостануваат огромни осум бода зад Тотенхем во битката за четвртото место, на само седум кола до крајот на сезоната.
Фактот дека самиот Конте пред дербито истакна дека и пораз од Тотенхем не би бил негов проблем, туку проблем на управата, јасно укажува дека трофејниот стручњак е подготвен да си замине, но и да го наплати евентуалниот отказ бидејќи има уште една година од актуелниот договор со Челси. Абрамович досега низ годините премногу ретко давал втора, камоли трета шанса на тренерите, па јасно е дека отказот за Конте е само прашање на време.
Како главен фаворит за негов наследник повторно се споменува Луис Енрике, но британските медиуми тврдат дека Абрамович е сериозно заинтересиран и за Томас Тухел, откако Германецот го одби Баерн Минхен поради предизвикот за работа надвор од Бундес-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА