Антонио Конте се соочува со сериозна опасност во најскоро време да добие отказ од клупата на Челси, по слабиот старт на сезоната што го имаше актуелниот првак на Премиер-лигата. Поразот во ЛШ од Рома дополнително ја зголеми тензијата во редовите на лондонскиот клуб, а лош знак за италијанскиот стручњак е што вчера на тренинг се појави и газдата на клубот, Роман Абрамович.
Русинот многу ретко се решава на ваков чекор, а англиските медиуми го толкуваат неговото присуство како последна шанса за Конте, на следниот дерби дуел со Манчестер јунајтед да забележи позитивен резултат или да почне да си ги пакува куферите.
„Мојот однос со Роман Абрамович е идентичен како и минатата сезона. Не чувствувам ниту поголем ниту помал притисок, знам што се бара од мене, да победувам на натпревари, и фокусиран сум да го правам тоа“ – изјави Конте.
Последен пат Абрамович дојде на тренинг на својот тим по поразот од Арсенал ланската сезона, по што Конте ја промени формацијата и во голем стил стигна до титулата. Останува да се види дали посетата на газдата и овојпат ќе биде успешна шок-терапија за Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА