По уште еден разочарувачки настап на италијанската репрезентација и нивниот неуспех да се квалификуваат за третото Светско првенство по ред, сегашиот тренер на Наполи, Антонио Конте се појавува како еден од главните кандидати за функцијата.
Поранешниот стратег на „аѕурите“, кој го водеше националниот тим од 2014 до 2016 година, јасно стави до знаење како ја гледа таа можност.
„Да не заборавиме дека и минатата година последните три месеци од сезоната медиумите пишуваа дека ќе си одам од Наполи и ќе се вратам во Јувентус, нели? Очигледно е дека медиумите мора да пишуваат нешто, и нормално е да се најдам на таа листа. Да бев претседател на Италијанската фудбалска федерација би се земал во предвид себе си заедно со другите“, изјави Конте.
Тој призна дека му било чест што е поврзуван со националниот тим, и потсети на искуството со водење на селекцијата на „аѕурите“.
„На крајот на краиштата, веќе сум работел со националниот тим и ја познавам таа средина. Поласкан сум, бидејќи претставувањето на твојата земја е нешто прекрасно.“
Потсети дека состојбата околу неговата иднина и натаму е нерешена.
„Сите добро знаете дека имам договор со Наполи до 2027 година, и по завршувањето на сезоната ќе морам да седнам со претседателот и да разговарам“, истакна италијанскиот тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

