Менаџерот на Челси, Антонио Конте ја прокоментира последната изјава на Мурињо во која Португалецот го прозива за неговите гревови од минатото.
„Кога единствена цел ти е некого да понижиш, потцениш, навредиш, тогаш знаеш дека си многу мал човек. Од него тоа воопшто не ме изненадува. Тоа е тој“ – истакна Конте, продолжувајќи ја „војната на зборови“ со Мурињо.
А, се започна кога Мурињо го квалификува како „кловновско“ одредено однесување на свои колеги покрај аут-линијата, алудирајќи на Антонио Конте и Јирген Клоп. Конте реагираше на таа изјава на Португалецот…
„Мислам дека треба да се сети што тој правел и прави покрај аут линијата. Не знам како точно се вика таа состојба на умот кога заборавате нешто, но мислам дека е старачка деменција“ – изјави Конте, јасно укажувајќи на одредени ситуации од минатото кога Мурињо ги водеше Порто и Интер.
Секако, брзо следеше одговорот од Мурињо…
„Точно е, правев грешки во минатото покрај аут линијата. Да, ќе ги направам повторно, но мислам дека ќе ги има се помалку. Тоа што мене нема никогаш не ми се случило, и нема никогаш да ми се случи и во иднина, е да бидам суспендиран за местење натпревари“ – одговори Жозе Мурињо.
Португалецот потсети на фактот дека Конте, како тренер на Сиена, беше обвинет дека не направил ништо за да спречи местење натпревар на неговата екипа. Конте беше замешан во аферата за местење натпревари во сезоната 2010/11 кога Сиена, тогаш член на Серија Б, веќе обезбеди пласман во Серија А, поради што доби четиримесечна суспензија, но со одлука на судот од Кремона во 2016 година беше ослободен од обвинението дека местел натпревари.
И сега, Конте повторно врати со одговор до португалскиот стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА