Конте најави пауза: Една година ќе посветам на моето семејство, ќе уживам гледајќи фудбал од дома

Италијанскиот тренер Антонио Конте успешно ја заврши претходната сезона со донесување на првото скудето на Интер по 11 години пост, но најверојатно нема да има ангажман следната сезона, изјави тој во последното интервју.

Конте беше поврзуван со лондонски Тотенхем, кој бара менаџер уште од заминувањето на Жозе Мурињо, но преговорите за тој ангажман не завршија успешно.

„Не сакав нов ангажман, сакам следната сезона да ја поминам учејќи и истражувајќи одредени ситуации. Периодот од една година ќе го искористам за да бидам повеќе со моето семејство и да гледам фудбал. Тоа е спорт кој постојано се развива“, изјави Антонио Конте за италијанското радио ‘Анкио Спорт’.

Конте се осврна и на застрашувачката ситуација во која неговиот поранешен играч Кристијан Ериксен за малку ќе го загубеше животот за време на меч од Европското првенство.

„Тоа беа ужасни моменти. Имав среќа да работам со Кристијан и кога видов дека се онесвести, навистина се чувствував лошо. Сето тоа ме потресе. Најважно е сè да заврши со среќен крај. Морам да им се заблагодарам на неговите соиграчи од данската репрезентација за смиреноста што ја покажаа во тие критични моменти. Опоравувањето е клучно сега, а фудбалот ќе дојде следен“, изјави Италијанецот.

Конте (51) целата своја играчка кариера ја помина играјќи за Лече и Јувентус, а пред да дојде во Интер во 2019 година ги тренираше Арецо, Бари, Аталанта, Сиена, Јувентус, италијанската репрезентација и Челси.

 

 

 

Се вчитува...