Конте немал ваква црна серија цели 15 години

Наполи направи уште еден чекор наназад во трката за титулата откако поранешниот тим на Елиф Елмас одигра само 0-0 на гостувањето против Венеција, претпоследниот тим на табелата во Серија А.

Конте очигледно се мачи да го врати победничкиот дух во својот тим, а статистиката вели дека трофејниот стратег не се соочил со ваква криза во последните 15 години од тренерската кариера. Имено, во последните седум рунди од Серија А тимот на Конте освоил само осум бода (победа над Фиорентина, пораз од Комо и реми со Рома, Удинезе, Лацио, Интер и со Венеција).

Вакво нешто на Антонио Конте му се нема случено уште од сезоната 2009/2010, кога ја почнуваше тренерската кариера на кормилото на Аталанта.

„Мислам дека не бевме тактички изненадени, ние бевме тимот што доминираше и што сакаше да победи, но кога ќе создадете толку многу шанси, логично е да погодите барем еднаш за да победите. Ние не успеавме, но тоа не менува ништо, остануваме во трката за титулата“, изјави Конте.

Се вчитува...