Конте побегна од Лондон, неговата приказна со Тотенхем е завршена

Авантурата на Антонио Конте со Тотенхем е завршена, откако интервјуто на италијанскиот стратег по ремито со Саутемптон предизвика вистинска бура. Италијанецот во него жестоко ги нападна фудбалерите, но исто така и управата на клубот на чело со Даниел Леви, потсетувајќи на интервјуто што го даде Кристијано Роналдо за да издејствува раскин на договорот со Манчестер Јунајтед. Желбата на Конте е јасна, што поскоро да си замине од клупата на „спарси“, а управата е подготвена да му ја исполни во обид да ја врати позитивната атмсофера во тимот, што е невозможно ако Конте остане на клупата.

Впрочем, трофејниот стручњак на самиот почеток од репрезентативната пауза го напушти Лондон и со лет на „Рајан Ер“, се упати кон Рим. Неофицијално, тој добил дозвола за такво нешто од клупската управа, со напомена дека во тек се дискусии околу неговата иднина во клубот. Највисокото раководство на клубот во изминатите денови имаше неколку состаноци, а на последниот била донесена одлука за разделба од Конте.

Од денеска ќе стартуваат преговорите со агентот на Италијанецот околу висината на отштетата, што секако нема да биде превисока ако се знае дека договорот на Конте со Тотенхем истекува на крајот на месец јуни. „Спарси“ немаат намера да носат врвно тренерско име до крајот на сезонава, идејата е помошникот Рајан Мејсон да го води тимот во наредните два месеци почнувајќи од домашниот меч со Евертон на 3 април, а потоа во текот на летото да биде избран нов менаџер што ќе го предводи проектот на лондонскиот клуб.

Се вчитува...