Квича Кварацкелија ги минува последните денови во дресот на Наполи откако грузискиот фудбалер самиот поднел барање за трансфер до управата на клубот.
Тој упорно ги одбиваше сите понуди за продолжување на соработката јасно ставајќи до знаење дека размислува за трансфер, за во текот на вчерашниот ден да направи и чекор напред кон остварување на таа цел.
„Квича Кварацкелија поднесе барање за трансфер. Тој е цврсто решен да си замине, разговарав со него и ми го повтори ставот што го изнел и пред управата. Квича е играч што беше поврзуван со заминување и во текот на летото, се чини дека сега сигурно ќе го напушти клубот. Потребни ни се засилувања, и тоа вистински, играчи кои веднаш ќе остават печат врз нашата игра“, изјави Антонио Конте.
ПСЖ ќе биде новиот клуб на грузискиот крилен офанзивец, откако Кварацкелија веќе ја прифати понудата за договор на четири и пол години за загарантирана плата од 7,5 милиони евра, пет пати повеќе од она што Грузиецот го заработуваше според договорот со Наполи. Во тек се преговорите меѓу клубовите, „наполитанците“ инсистираа на 80 милиони евра, но се очекува таа сума да се намали на околу 65 милиони за трансфер-сагата што побрзо да заврши.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА