Алваро Мората нема да ја продолжи својата кариера во Челси откако самиот Антонио Конте побарал да не биде испратена понуда за голгетерот на Реал Мадрид во летниот преоден рок. Токму Конте инсистираше на доведување на Мората минатото лето, но откако таа желба не му се исполни, а Шпанецот во меѓувреме цела сезона мина на клупата за резерви во Реал, сега италијанскиот стратег сериозно се сомнева дека екс-играчот на Јувентус навистина вреди 60 милиони евра, колку што бараат „кралевите“ за неговите услуги.
Ангажманот на Мората би бил преголем ризик, особено при толку висока отштета, па токму затоа Конте решил вниманието целосно да го насочи кон Ромелу Лукаку, фудбалерот кој веќе е докажан голгетер во Премиер-лигата и нема да му биде потребно време за адаптација. Белгиецот и самиот најави дека сака да настапува за тим со кој ќе се бори за трофеи, летово речиси сигурно ќе си замине од Евертон, а Конте е убеден дека со понуда од околу 60 милиони фунти ќе го договори трансферот на овој одличен голгетер.
Италијанскиот стратег очекува истата сума да ја добие од продажбата на Диего Коста, кој речиси сигурно летово ќе се пресели во далечната Кина, од каде уште во јануари доби мултимилионска понуда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА