Италијанскиот стратег Антонио Конте се враќа во Англија, но не во Манчестер Јунајтед за да го замени Оле Гунар Солскјер, туку во Тотенхен каде ќе го наследи Нуно Еспирито Санто, пренесува италијанскиот медиум „ТутоМеркато“.
И покрај тоа што беше поврзуван со превземање на Манчестер Јунајтед, Конте „камбекот“ на „Островот“ се очекува да го направи во лондонскиот тим кој не е ниту блиску до формата од претходната сезона. „Петлите“ по десет одиграни натпревари во Премиерлигата имаат биланс од пет победи и пет порази и со 15 освоени бода го завземаат осмото место на табелата.
Притоа Тотенхен не се прославува ниту во Конференциската лига каде во конкуренција со Рен, Витезе и Мура го завзема третото место на табелата и на три кола пред крајот на групната фаза е блиску до елиминација.
Добро познато е дека Конте ретко кога прифаќа нов предизвик сред сезона, но според италијанскиот медиум главната алка во склучување на договор е директорот на клубот, Фабио Паратичи кој е во одлични односи со стартегот, а воедно 52-годишникот е и желба на претседателот Даниел Леви за „спас“ на клубот од можните заминувања на Хари Кејн и Сон на крајот на сезоната.
Антонио Конте во англиското првенство беше дел од 2016 до 2018 година како тренер на Челси со кој во 2017 година стана и правак на Премиерлигата. А, претходанта сезона стигна и до шампионската титула во Италија како предводник на Интер пред да замине од клубот ова лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА