Конте во неверување: Кејн не е „нормален“

Тотенхем го „торпедираше“ Њукасл со 5-1 и дојде до четвртото место во Премиер-лигата кое значи пласман во Лигата на шампионите во наредната сезона. Ова секако е одлична вест за „петлите“, но воедно мора да се напомене дека во моментов ништо не зависи од нив затоа што градскиот ривал Арсенал има два натпревари помалку и лесно може да ги мине на табелата.

Сепак успесите придонесуваат за градење на подобра атмосфера, поголема самодоверба и тоа многу добро го знае менаџерот Антонио Конте кој во досегашната кариера има забележано доста успеси и пехари. Конте исто така е свесен што значи да се има вистински лидер, па Италијанецот испрати низа на комплименти на адреса на Хари Кејн кој не се запиша во листата на стрелци против Њукасл, но постојано беше активен и имаше значајна улога во играта.

„Настапот на Кејн беше неверојатен. Му реков на крајот од натпреварот дека е штета што не постигна гол. Да имате ваков тип на играчи во вашиот тим ве прави силен. Важно е неговите соиграчи да знаат дека Кејн е во нашиот тим. Знаеме дека може да постигне гол и да создава шанси. Пред се, ми се допаѓа личноста. Зборуваме за талентиран играч. Многу пати играчите со голем талент не сакаат да работат напорно. Не дека сакаат помалку да работат, но понекогаш знаат да бидат мрзливи. Тој беше пример од првиот ден кога пристигнав овде. Може да мислите дека ова е нормално, но не е нормално. Тоа е голем пример за неговите соиграчи и ја гледате неговата желба да биде конкурентен. Тој мора да продолжи на овој начин. Зборуваме за напаѓач од светска класа. Тој ужива да игра на овој начин“, потенцираше Антонио.

Се вчитува...