Конте: За гигантите едно Скудето нема ништо да смени, но за Наполи тоа е историја

Тренерот на Наполи, Антонио Конте уште еднаш кажа дека пред почетокот на сезоната не било планот тимот да се бори за Скудетото. Меѓутоа во моментов тимот е на првото место, и со добри шанси да дојде до титулата во Серија „А“.

Конте кажа дека целта била пласман во Лигата на шампионите, меѓутоа се поклопиле коцките да Наполи сега биде многу блиску до Скудетото. Тој вели дека тоа многу ќе значи за тим како Наполи.

„Атмосферата не е нормална, но одиме кон крајот и имаме шанси да дојдеме до нешто навистина важно. Не можеме да го дефинираме ова како нормален крај на сезоната, бидејќи оваа цел не ни беше на ум на почетокот на сезоната. Иполнивме веќе една од нашите цели, а тоа е излез во Лигата на шампионите. Ги престигнавме тимовите кои минатата сезона имаа повеќе од 15 бодови пред Наполи, а Интер и повеќе од 41. Друга наша цел беше да им направиме проблем на тимовите на врвот на табелата. Сега ќе видиме колку големи проблеми ќе бидат“, рече Конте и дополни.

„Ремито со Џенова беше разочарувачки. Видов некои коментари кои ме збунија. Фудбалот не е математика и не е нешто кое однапред се знае. Поглднете како пред неколку дена Манчестер Сити одигра нерешено со испаднатиот Саутемптон. Играчите знаат за што се борат. За големите тимови Скудето нема да им смени ништо во животот, но за Наполи тоа е историско. Сетете се дека пред две години тимот ја освои титулата, а на нешто такво чекаше цели 30 години. Тоа ја прави разликата, да се биде навикнат на такви ситуации“, кажа Конте.

Се вчитува...