Копа дел реј е за Барселона, „кралевите“ немаат лек за каталонскиот гигант оваа сезона

Барселона продолжува да му набива комплекс на Реал Мадрид сезонава откако каталонскиот гигант предводен од Ханси Флик и третпат во низа го зема скалпот на големиот ривал. По првото „Ел Класико“ во Ла Лига и трофејот во Суперкупот на Шпанија, каталонците вечерва славеа и во големото финале на Копа дел реј, по продолженија со 3-2, за нова деномнстрација на надмоќта во однос на „кралевите“. За разлика од претходните дуели овојпат финале одиграно во Севилја беше максимално интересно и неизвесно, Реал може и да жали што испушти предност на пет минути до крајот, за во продолженијата да блесне десниот бек Кунде, кој со гол во 115. минута предизвика еуфорија со победничкиот гол за каталонците и агонија за мадридистите.

Реал делуваше премногу пасивно без Мбапе во нападот, откако Анчелоти реши да не ризикува со недоволно рехабилитираниот Французин од самиот почеток во ова финале. Барселона ја искористи својата прва шанса, со евроголот што го постигна Педри на асистенција на Ламин Јамал.

Ситуацијата на теренот се промени откако Мбапе влезе во игра на самиот старт од второто полувреме, а Реал веднаш доби на брзина и на опасност во противничкиот шеснаесетник. Винисиус промаши две одлични шанси за израмнување, но затоа Мбапе ја покажа својата големина блеснувајќи со прекрасен гол од слободен удар и израмнување на 1-1.

Додека каталонците уште беа во шок, Реал го искористи тоа за да стигне до целосен пресврт и со голот со глава на Чуамени „кралевите“ поведоа со 1-2. Тоа не беше и крај на возбудувањата, откако Феран Торес одлично се снајде, стигна до една топка пред Ридигер и Куртоа, успевајќи потоа мајсторски да ја смести во празната мрежа. И кога се очекуваше последниот свиреж, во 96. минута беше досуден пенал за Барселона по стартот на Асенсио над Рафиња. Страстите зовреа, но ВАР-арбитрите решија да го повикаат Бенгоечеа, кој по прегледувањето ја смени својата одлука и мечот ќе биде решен со продолжение.

Дополнителните 30 минути донесоа далеку послабо темпо, фудбалерите очигледно беа преморени и немаа сили за офназивен фудбал како во второто полувреме. И кога се чинеше дека двете екипи се во исчекување на пенал-рулетот, Кунде во 116. минута украде една топка на триесетина метри од противничкиот гол, истрча десетина метри пред да шутира милиметарски прецизно, во долниот агол од голот на Куртоа.

Се вчитува...