Со почетокот на февруари дефинитивно заврши и рокот во кој клубовите имаа можност да направат промени во своите состави за Лигата на шампионите. Со тоа, дел од стратезите ги поправија и своите грешки донесени кон крајот на август, кога како „дисцпиплинирање“ на дел од играчите истите ги избришаа од списоците за елитното европско натпреварување.
Тоа беше случај со Пеп Гвадиола, кога стратегот на Манчестер сити во обид да го „избрка“ Јаја Туре од клубот реши воопшто да не го вклучи во својот список за ЛШ. Во текот на сезоната Туре ги убеди „граѓаните“ дека се уште може да игра на највисоко ниво, па Гвардиола сега си ја призна грешката и реши дополнително да го впише ветеранот од Брегот на Слоновата Коска. Покрај него, Манчестер сити за осминафиналето со Монако ќе биде посилен и за Габриел Хесус, кој се покажува како одлично засилување откако на почетокот од јануари му се приклучи на англискиот тим.
Арсен Венгер ги вклучи Пер Мертесакер и Дени Велбек откако двајцата искусни фудбалери ги надминаа проблемите со повредите, а Баер Леверкузен ќе биде посилен за Бејли, „чудото од дете“ од Јамајка кое пристигна од редовите на Генк.
Јувентус во вториот дел од сезоната ќе биде посилен за Томас Ринкон, кој потпиша од Џенова, како и за десниот бек Штефан Лихтштајнер, кој се враќа во екипата откако вчера потпиша нов договор со „старата дама“.
Англискиот првак Лестер дополнително „запиша“ тројца фудбалери, и тоа Јохан Беналуане, Вилфред Ндиди и Мола Вагуе, додека Раниери избриша четири играчи кои беа на првичниот список: Луис Ернандез, Бартош Капустка, Џефри Слуп и Марсин Василевски.
Германецот Дракслер ќе биде големо засилување за ПСЖ за двомечот против Барселона, откако екс-фудбалерот на Волфсбург го зазеде местото на Хесе, кој беше продаден во Лас Палмас.
Од останатите клубови, Наполи ги смени напаѓачите, па Паволети го зазеде местото на Габиадини, Севилја е значително засилена со доаѓањето на Јоветиќ, додека Бенфика по заминувањето на Гуедес во ПСЖ шанса ќе му даде на екс-фудбалерот на Партизан, Андрија Живковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА