Дебитантскиот настап на репрезентацијата на Зеленортските острови на еден ракометен мундијал е на добар пат да се претвори во тотално фијаско откако оваа селекција пријави нови случаи на коронавирус.
Првите големи проблеми се појавија на завршницата од тренинг-кампот во Португалија, по што оваа африканска селекција едвај собра кворум за да може да допатува во Египет. Тие нaстапија со само 11 ракометари во записникот на премиерниот дуел со Унгарија, но денешните резултати од последните тестирања покажале нови два случаи на коронавирус меѓу ракометарите на Зеленортските острови.
По ваквиот расплет многу извесно е дека Германија службено ќе го добие натпреварот со овој ривал што требаше да се игра утре, но огромна е веројатноста и дека Зеленортските острови ќе бидат дисквалификувани, со оглед на огромниот број на случаи во оваа репрезентација, поради што е речиси невозможно во наредните денови да биде направена измена и во Египет да пристигнат нови, здрави ракометари од оваа земја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА