По само две одиграни кола во ракометната Супер-лига се случи и првиот „корона-хаос“ откако од Covid-19 заболеа речиси сите ракометари на новиот суперлигаш КЛ7. Скопскиот клуб преку соопштение до јавноста информираше дека дури 16 членови на КЛ7 се позитивни, поради што целокупниот прв тим е ставен во самоизолација.
Соопштението на КЛ 7 го пренесуваме во целост:
Ракометниот клуб Голден Арт КЛ7 ја информира целокупната спортска јавноста и надлежните институции дека по натпреварот од второто коло на македонската Суперлига во ракомет, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчите се појавија симптоми карактеристични за вирусот Ковид19 (покачена температура, губење на вкус и мирис), па поради тоа клубот како институција која е максимално одговорна спрема своите играчи и вработени веднаш изврши Ковид тестирање во Клиника Жан Митрев (преку брис од нос и грло) на комплетниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика на клубот, по кое се откриени 16 Ковид-19 позитивни резултати.
Според прописите за третман на лица кои се Ковид-19 позитивни и лицата кои имале контакт со нив, комплетниот играчки кадар ќе биде ставен во изолација во следните 15 денови.
Би сакале да потсетиме дека пред стартот на подготовките на тимот пред оваа натпреварувачка сезона, нашиот клуб беше еден од ретките клубови кои направи комплетно тестирање на играчкиот погон во првиот тим и младинските категории, како и на комплетниот стручен штаб и клупската логистика, при што навремено беа откриени два случаи позитивни на Ковид-19 висрусот и истите беа изолирани и излечени.
За крај, апелираме до сите клубови и целокупната јавност да се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, со една единствена цел, спречување на понатамошно ширење на вирусот Ковид-19.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА