Кошарка или уметничко лизгање во Куманово: Мисли ли некој на здравјето на играчите?

Куманово претрпе неочекуван пораз на домашен терен од Академија ФМП со резултат 83-102, неуспех со кој кумановци сериозно си ја искомпликуваа задачата во борбата за опстанок. Триумфот на гостите од Скопје е заслужен и чист како солза, но мора да се истакнат и ненормалните услови за игра поради лизгавиот терен во текот на целиот меч.

Во салата во Куманово во текот на вчерашниот ден имаше тројна програма, најпрвин ракомет, па потоа женска кошарка за на крајот да дојде ред и на дуелот Куманово – Академија ФМП, на кој теренот беше речиси невозможен за игра.

Во „уметничкото лизгање“ во кумановската сака настрадаа тројца домашни кошаркари, а во таборот на „сино-белите“ се разочарани од организацијата на натпреварот, на кој нивниот тим беше домаќин.

„Дали некој воопшто мисли на здравјето на играчите. Како може да нема нормални услови за игра, да се ризикува со повреди какви што навистина се случија. Со ова не се намалува победата на гостите, на кои им го честитам заслужениот триумф, туку само реагираме за вакви работи да не се повторуваат во иднина бидејќи немаат никаква врска со професионален спорт“, порачуваат неколку кошаркари од таборот на КК Куманово.

Се вчитува...