Младата кошаркарска репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години со две победи го завршува настапот на меморијалниот турнир „Боби Петковски“ во Гевгелија.
По вчерашниот успех против Црна Гора, денеска, избраниците на селекторот Андреј Апостолски Лечиќ беа подобри и од своите врсници од Израел, победувајќи со 82-59.
Македонија по првото полувреме имаше позитива од девет поени (37-28). Една третина од поените (12) беше дело на Иванов, а на почетокот на второто полувреме меѓу „двоцифрените“ успеа да „влезе“ и Шошкиќ, кога по серијата од (7-0) се одвоивме и на највисоки (44-28).
Стојанов беше „икс фактор“ на Македонија во третата четвртина. Можеби и најдобрата четвртина за нашата јуниорска репрезентација на турнирот во Гевгелија. Поточно пет феноменални минути во кои „црвено-жолтите“ изградија предност и од 24 поени (56-32). Импресивни беа неговите четири тројки (од осум тимски) за така краток временски период кои и ја украсија нашата игра во оваа секвенца од средбата во салата „26.април“.
Во последната четвртина Израел се закани уште еднаш, кога намали на -11 (50-61). Но нашите јуниори најдоа дополнителна енергија за да се одбранат, дури и повеќе од тоа. Да се одвојат на (70-53), како што стоеше на семафорот во 35. минута од играта. И иако останаа да се одиграат уште долги пет, Македонија не дозволи ново доближување на гостите од Израел. Доволно за уште една, и тоа како важна победа на собирот во Гевгелија, кој го затвораме со позитивен скор, и добар показател како понатаму во периодот на подготовките.
Најдобар во македонските редови беше Стојанов со 21 поен, Шошкиќ имаше еден помалку, додека пак Иванов застана на 17, што е и не е толку важно во оној краен впечаток.
Најдобра репрезентација на собирот во Гевгелија е селекцијата на Грција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА