Македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе ги дознае ривалите за главната квалификациска рунда за Евробаскет 2021, во обид нашиот национален тим по шест години пауза повторно да биде дел од еден континентален собир. „Црвено-жолтите“ го изодеа потешкиот пат, минувајќи две квалификациски рунди на патот до овие главни квалификации, во кои ќе се сретнеме со ривали со далеку поголемо реноме од Косово, Швајцарија, Романија…
Како што однапред е утврдено, Македонија е дел од шестиот шешир, па не може да се сретне со БиХ, Холандија и Унгарија. Воедно, ФИБА однапред обелодени и дека селекциите од шестиот шешир, ќе може да играат само со ривали од вториот (Словенија, Грција, Хрватска, Русија), третиот (Италија, Летонија, Турција, Украина) и седмиот шешир (Естонија, Бугарија, Шведска, Австрија), што значи и избегнување на пресметки со најдобрите четири европски селекции според реномето (Србија, Шпанија, Франција и Литванија).
Од потенцијалните ривали, мора да се истакне дека Словенија и Хрватска воопшто не делуваа страшно во претходните квалификации без помошта на НБА-ѕвездите и евролигашките играчи, така што овие две екс-ју републики сигурно се подобра варијанта од Русија или Грција.
Секоја група ќе има по четири селекции, од кои најдобрите три ќе обезбедат пласман на Евробаскет 2021. Патот сигурно нема да биде лесен, но „црвено-жолтите“ со малку среќа во ждребот ќе имаат одлична шанса да ја вратат македонската кошарка онаму каде што заслужува да биде – на собирот со најдобрите во Европа.
ПРВ ШЕШИР: Шпанија, Франција, Србија, Литванија.
ВТОР ШЕШИР: Словенија, Грција, Хрватска, Русија.
ТРЕТ ШЕШИР: Италија, Летонија, Турција, Украина.
ЧЕТВРТИ ШЕШИР: Финска, Германија, Чешка, Полска.
ПЕТТИ ШЕШИР: Грција, Црна Гора, Белгија, Израел.
ШЕСТИ ШЕШИР: МАКЕДОНИЈА, БиХ, Холандија, Унгарија.
СЕДМИ ШЕШИР: Естонија, Бугарија, Шведска, Австрија.
ОСМИ ШЕШИР: Албанија/Белорусија/Данска, Словачка/Кипар/Романија, Луксембург/Косово, В. Британија, Швајцарија/Португалија/Исланд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА