Рускиот град Перм ќе биде домаќин на февруарскиот „балон“ од квалификациите за Евробаскет 2022, во квалификациската група во која се наоѓа и селекцијата на Македонија. Неколку дена откако беше завршен турнирот во Талин, ФИБА го објави и новиот град-домаќин на февруарскиот турнир.
Официјалните датуми за турнирот се од 19 до 21 февруари, но реално е да се очекува да дојде до промени бидејќи Македонија ќе треба да игра четири натпревари во Перм, двата одложени од Талин (со Италија и со Естонија) и двата регуларни од последните две кола (против Италија и против Русија).
Согласно со првичниот календар за натпреварување во групата „Б“, на 19. февруари треба да се играат натпреварите Македонија-Русија, односно Италија-Естонија. На 21. февруари пак се закажани мечевите Македонија–Италија, односно Русија-Естонија.
Се очекува Македонија да абиде значително посилна во однос на турнирот во Талин, каде бевме ослабени со неиграњето на неколку стандардни првотимци. Нашата репрезентација моментно е последна во групата со скор од два порази на два натпревари. Теоретски, за пласман на Евробаскет 2021 потребни ќе бидат две победи на преостанатите четири средби, една над Естонија и една над Италија или Русија, или триумф над Естонците со повеќе од десет поени разлика.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА