ЕКИПА во Клаипеда,
Стеван Цаневски
Македонските кошаркари го одржаа првиот тренинг во „Свитурио Арена“, каде утре со почеток во 18.30 часот ќе излезат на мегдан против Литванија во рамките од четвртата рунда од квалификациите за Евробаскет 2025.
Литванците демонстрираа надмоќ на првиот дуел во Скопје, но квалитетното второ полувреме од тој натпревар им дава за право на нашите кошаркари да се надеваат на подобар резултат на утрешната пресметка. Голем плус секако е што во тимот го имаме Ненад Димитријевиќ, плејмејкерот кој доби зелено светло од Олимпија Милано за да се приклучи на националниот тим на ова тешко гостување.
Кошаркарите го оставија заморот по вчерашното долго патување зад себе, атмосферата на денешниот тренинг беше на највисоко ниво, а порака од македонскиот табор е јасна – нема предавање во ниту еден момент, туку со максимално ангажирана игра од почеток до крај ќе се обидеме да приредиме изненадување на жешкиот терен во Клаипеда, во салата со капацитет од 6.200 седишта за кошаркарски натпревари, за која домаќините најавуваат дека ќе биде исполнета до последно место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА