Кошаркарската репрезентација на Македонија успешно ги стартуваше претквалификациите за Евробаскет 2025, две тешко извојувани победи над Данска и над Словачка со кои „црвено-жолтите“ остануваат рамо до рамо со Норвешка во трката за првото место кое води во главните квалификации.
Испитите беа положени „на мускули“, со среќа и умеење во завршниците, но оние кошаркари кои Јончевски ги имаше на располагање го оставија срцето на терен, со последни атоми од силите стигнувајќи до резултатите што толку ги посакуваа. Димитријевиќ покажа зошто важи за нов лидер, Војдан беше тука за да помогне кога беше најважно, а веќе е јасно дека и во Андреј Јакимовски оваа репрезентација добива сериозен играч за во иднина.
Кошаркарите добро почнаа, но како ќе продолжат – ќе зависи пред се од федерацијата и активностите на одговорните луѓе во „куќата на кошарката“ во наредниот период. Затоа што странец е неопходен, тоа е повеќе од јасно, а Антиќ и пријателите треба да направат се што можат за што поскоро да доведат натурализиран играч. Затоа што во ноември не очекуваат домашни дуели со Норвешка и Данска што мораме да ги добиеме, а Јончевски сигурно ќе го нема Јакимовски, додека сериозно виси и настапот на Димитријевиќ (руските клубови веќе најавиле дека како одговор на санкциите на ФИБА, нема да им дозволат на своите играчи да настапуваат за своите репрезентации во наредниот ФИБА-прозорец). А без овие двајца, и повторно без странец, шансите за успех ќе бидат многу, многу мали…
Доаѓање на нов центар мора да биде приоритет, па на луѓето од федерацијата сигурно веќе им е јасно дека идејата за нов плејмејкер не може да донесе ништо добро кога нема кој да фати топка под обрачите. Секоја чест на Ѓуроски, Маслинко, Јакимовски и Крстевски за борбата под кошевите, но за сериозна кошарка (прво да се пласираме, а потоа и во главните квалификации) неопходно е да се има играч што ќе може да одговори на предизвикот, пред се со цврстина во одбраната, но и да биде „оружје плус“ во нападот.
Џејкоб Вајли беше последниот натурализиран играч што настапил за Македонија уште на крајот од месец февруари. Од тогаш минаа цели шест месеци, премногу бирање, но нула од реализација. На средината на ноември тоа ќе бидат осум и пол месеци, и повеќе од доволно за конечно да се изреализира целиот процес за кошаркарската репрезентација да добие играч што ќе го крене квалитетот.
Имиџот веќе не ни е како порано, па не можеме да се крстиме во засилувања на евролигашки ѕвезди, но дефинитивно може да се најде играч што ќе му биде од помош во тактичките замисли на селекторот.
Затоа, господа кошаркарски функционери, засукајте ракавите и фатете се за работа. Кошаркарите го положија својот испит, сега на ред е федерацијата, да го одработи своето. Затоа што водење на куќата на кошарката не значи само седење во „ВИП-ложата“ во СРЦ Кале (колку само смешно тоа изгледаше, кога се сака да се биде како Белград или Истанбул, а си предалеку од тоа), туку преземање на конкретни мерки, за доброто на кошарката.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА