Кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години загуби на стартот на Европското првенство Б дивизија на кое сме домаќини, откако во премиерниот натпревар репрезентацијата на Чешка беше подобра со 75-80.
Нашите кошаркари одлично го отворија натпреварот и во петттата минута имаа огромни плус петнаесет (17-2). Сепак, следеше голем пад па Чесите на стартот на вториот период стигнаа на само минус два (24-22). До крајот на првиот дел двата тима одиграа израмнето, па „црвено-жолтите“ на пауза заминаа со предност од три поени (39-36).
Избраниците на Василев подобро стартуваа во вториот дел, па по 6 и пол минути игра во третиот период повторно стигнаа до двоцифрена предност (58-47). И повторно како и во првата четвртина, така и сега како одминуваше четвртината, нашите кошаркари паѓаа, па по триесет минути игра ние имавме повторно само три поени предност (61-58).
Продолжи нашата игра и на стартот на последниот период, па Чешка во 34. минута за првпат стигна до водство на овој натпревар (64-66). Продолжија нашите грешки во нападот, а на четири минути до крај Чешка поведе со пет поени разлика (66-71). По тајмаутот на селекторот Василев, Симиќ постигна тројка по која намаливме на (69-71). Нашите грешки продолжија, а сето тоа го искористија Чесите за конечен триумф од 75-80.
Неверојатниот Радован Мразек со 29 поени беше убедливо најдобар поединец во таборот на победникот, додека во нашиот тим Андреј Митревски постигна 18 поени.
Во второто коло Македонија утре исто така во СРЦ „Кале“ ќе игра против репрезентацијата на Словачка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА