Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот го игра третиот меч од претквалифациите за Евробаскет 2029, со јасна цел да се стигне до победата и да се направи уште еден чекор кон пласманот во главните квалификации за наредниот континентален собир.
Македонија го почна сигурно овој циклус, со победи над Азербејџан и над Ирска, но птоа дојде до неочекувана промена на кормилото, смена на селекторот Марјан Илиевски, на чија место пристигна Хозеп Марија Берокал. Шпанскиот стратег се запозна со екипата изминатава седмица, јасно стави до знаење дека е потребно време за да остави свој печат врз играта и изданијата на македонскиот национален, но јасно е дека победа над ривал како Луксембург мора да биде императив.
Андреј Јакимовски повторно ќе ја има улогата на лидер во националниот тим, а интересно ќе биде да се види изданието на Хап како натурализиран кошаркар, откако на првите две средби ги користевме Омари Мур и Џејкоб Вајли.
„Прекрасно е да се вратам, и да бидам дел од репрезентацијата. Сеуште има некои од соиграчите од претходниот пат, со кои бев во тимот. Па затоа сум среќен што се вратив и сум заедно со тие момци. А и новите соиграчи се многу пријателски расположени кон мене, и многу отворени. Сметам дека имаме навистина добри таленти во овој тим. Очигледно, тренерот е нов, и тој е шпански тренер. Знам за него и тој знае за мене. И досега имплементираше неколку добри работи и стратегии за играта. А кога станува збор за Луксембург и Азербејџан, мислам дека тренерот најдобро знае што треба, а ние треба само да се грижиме и следиме неговите упаства. Тимовите се тие со кои играме, веројатно и ќе се променат и ќе го сменат стилот. Но сега е многу поважно да се подобриме фокусирајќи се на тоа како сакаме да играме и потоа за играта, да знаеш дека си спремен да дадеш 100% од себе“– вели Хап во пресрет на денешниот натпревар.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2029
ГРУПА „А“ – ДВОЈКИ 3. КОЛО
18 ч.: МАКЕДОНИЈА – Луксембург
20.30 ч.: Ирска – Азербејџан
ТАБЕЛА
1.МАКЕДОНИЈА 2 2 0 175:125 4
2.Луксембург 2 2 0 184:167 4
3.Ирска 2 0 2 153:177 2
4.Азербејџан 2 0 2 139:182 2
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

