Македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа во самоизолација во хотелот во Талин, откако во текот на вчерашниот ден, непосредно пред дуелот со Италија беше обелоденето дека тројца наши кошаркари се позитивни на Covid-19.
Позитивните тестови на Младеновски, Трајковски и на Американецот Вајли беа доволна причина за аларм, поради што дуелот со Италијанците веднаш беше одложен, а сите кошаркари, членови на стручниот штаб и на македонската делегација заминаа во самоизолација во своите соби, чекајќи „абер“ од ФИБА за следните чекори.
Во текот на вчерашниот ден беа извршени нови Covid-тестови врз македонските кошаркари, потврдени беа позитивните наоди на центарското трио, па сега на ФИБА е да донесе одлука, дали Македонија со само девет играчи ќе мора да игра два меча во два дена (денеска со Италија, утре со Естонија), или пак ќе биде одреден нов термин за овие натпревари.
„Јасно е дека не постојат услови да ги одиграме натпреварите. Ги чекаме резултатите од тестирањата, можеби има уште некој позитивен, ризикот е голем. Единствената нормална одлука за ваква ситуација е да биде одреден нов термин во кој ќе ги одиграме овие средби. Ризикот доколку играме би бил огромен“, истакнуваат од македонскиот табор во Талин.
Естонците како домаќини на „балонот“, но и како наши втори противници прават се за да ја убедат ФИБА за Македонија со десеткуван состав да одигра два меча за 24 часа, без оглед на ризикот од евентуални нови позитивни случаи. Се очекува „европската куќа на кошарката“ во следните неколку часа да донесе конечна одлука, дали Македонија ќе биде нокаутирана во овие квалификации или пак ќе добие нова шанса, комплетна во нов термин да излезе на мегдан со Италија и со Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА