Женската репрезентација на Македонија до 16 години денеска отпатува за Турција, каде веќе од утре ќе ги започне настапите на ЕП од Дивизијата „Б“ за оваа возрасна категорија.
Селекторот на овој наш национален тим, Оливер Стојмановиќ говореше за неговите очекувања.
„Подготвителниот период го започнавме непосредно пред почетокот на олимпискиот младински фестивал кој се одржа во Македонија. На тој олимписки турнир одигравме пет одлични натпревари со многу силни репрезентации од самиот врв на „А“ дивизијата, кој што ни помогнаа да видиме со што располагаме во дадениот момент, бидејќи настапивме со некомплетен состав, имавме пет играчи во репрезентацијата У18 која настапи на Eвропското првенство. По комплетирањето на екипата одигравме две пријателски средби со селекцијата на Бугарија кои ги искористивме што подобро да ја воиграме екипата. Како предност на нашиот состав на ова Европско првенство ја гледам тимската игра и еден доста избалансиран ростер во кој може да одиграат сите 12 играчи. На ова Европско првенство се наоѓаме во многу квалитетна група со репрезентациите на Грција,Литванија,Бугарија и Украина, и би биле презадоволни доколку би се пласирале на некоја од првите три позиции во групата“, смета селекторот на нашата женска кадетска селекција пред заминувањето за Турција.
Нашата женска кадетска репрезентација ќе го почне натпреварувањето на овој евро-шампионат на 20. август (среда), од 17. часот, кога во кошаркарскиот центар за развој „Ц3“ во Истанбул, следува натпреварот против селекцијата на Грција.
По еден ден пауза, на 21. август, од 12.часот, Македонија ќе игра против селекцијата на Бугарија. На 24.август од 19.30 часот, за противник ја имаме Литванија.
А по уште еден ден одмор, оваа прва фаза од првенството ќе ја затвориме на 25. август, од 17.часот, кога Македонија игра против репрезентацијата на Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

