Кошаркарките на Баскет Кам го „освоија“ Кавадарци, убедлива победа на Крива Паланка

Две очекувани победи за фаворитските екипи во последните два меча од седмото коло на „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени.

Цветанка Димова се врати во составот на Баскет кам, и тоа веднаш беше „видливо“ во играта на бранителот на титулата на гостувањето во кавадаречки „Јасмин“ против Пробаскет за победа од 50-69.

Пробаскет, кој игра над сите очекувања оваа сезона, одигра егал прво полувреме против фаворитот, и во резултатска смисла на зборот, затоа што по дваесет минути игра, двете екипи имаа по 31 реализација.

Но промените, и во играта и во резултатот дојдоа по големиот одмор. Многу поангажирано одиграа гостинските кошаркарки, особено во одбраната. Тоа посебно се однесува за последната четвртина во која му дозволија на противникот да реализира само пет поени. Во целост ја сопреа Американката Кајла Томас (даде само четири поени најдобрата кошаркарка на Пробаскет.

Тоа заедно со максималната ангажираност во фазата на нападот на комплетната прва петорка, донесе и очекуван резултат. Убедлив триумф за екипата од Македонска Каменица – шести во седум одиграни меча, и поделба на првото место по првиот круг од натпревари во елитната женска кошарка.

Кметовска заврши со 18 поени (пет скока и четири асистенции), Димова додаде 16 поени (и осум скока и две асистенции, Адамовска придодаде 15 поени (шест асистенции и пет скока), додека Максимовска застана на девет поени.

Во домашната екипа, Томас беше ограничена на четири поени (и исто толку скокови), додека Јовановиќ даде 18 поени (и по шест скока и асистенции), а Петровска уште 11 поени (и четири скока).

КРИВА ПАЛАНКА УБЕДЛИВО СЛАВЕШЕ НА ГОСТУВАЊЕТО ПРОТИВ СПОРТ ТИМ

Кошаркарките на Крива Паланка во целост ја оправдаа улогата на фаворит на гостувањето во Неготино, каде до врв го наполнија кошот на екипата на Спорт тим. Стигнаа до повеќе од убедлива победа од 51-97, со која поради подобриот однос во меѓусебните дуели со конкурентите, Баскет Кам и Вардар, првата етапа ја завршуваат како лидерска екипа на табелата (скор 6-1).

А Груевска одигра уште еден одличен натпревар, кој го заврши со ефект од 31 поен (13/15 во обидите за два поени), дополнети со шест асистенции и два скока. Пул имаше 16 поени, Алексовска даде 14 поени (и пет асистенции), додека Ниехуес придодаде 11 поени и девет скока.

Во екипата на Спорт тим, која останува на една победа во седум натпревари., Лукиќ постигна 18 поени (имаше и пет асистенции), Митановска ја следеше со 11 поени и седум скока.

„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 7. КОЛО

Пробаскет – Баскет кам 50:-69

Спорт тим – Крива Паланка 51-97

Патриот 2016 – МЗТ Бела вода 53-92

Бадел 1862 – Вардар 74-85

ТАБЕЛА

1.Крива Паланка 7 6 1 588:406 13

2.Баскет кам 7 6 1 481:363 13

3.Вардар 7 6 1 515:461 13

4.Бадел 1862 7 4 3 512:461 11

5.Пробаскет 7 3 4 535:521 10

6.МЗТ Бела вода 7 2 5 430:457 9

7.Спорт тим 7 1 6 358:511 8

8.Патриот 2016 7 0 7 349:598 7

ИДНО КОЛО (13. декември)

Баскет кам – МЗТ Бела вода

Бадел 1862 – Пробаскет

Патриот 2016 – Крива Паланка

Спорт тим – Вардар

Се вчитува...