Јуниорската репрезентација на Македонија во голем стил се закити со титулата на Европското Првенство -Б дивизија што се одржува во Скопје, откако фуриозната победничка серија ја продолжија и на денешното финале против Австрија, триумфирајќи со конечни 98-88. За „црвено-жолтите“ кои заслужено го добија прекарот „непобедливи“ ова беше седми триумф во низа, шест од нив двоцифрени (под десет падна само Чешка, со 94-86), како јасен доказ за апсолутната доминација со која стигнаа до големиот трофеј. Навивачите повторно ја наполнија салата „Борис Трајковски“ и направија извонредна атмосфера, а нашите млади кошаркари знаеја како да им се оддолжат, со нова импресивна партија и убедлива победа.
Денешното финале со Австрија повторно мина во доминација на македонските кошаркари. Ако во полуфиналето со Бугарија клучен фактор беше одбраната, овојпат до победата стигнавме благодарение на беспрекорната реализација во нападот. По нецели пет минути игра Македонија веќе имаше постигнато 17 поени и стигна до предност од „плус осум“. Австријците успеваа да се приближат кога ќе погодеа два-три шута во низа, но нашите јуниори секогаш имаа одговор, па предводени од извонредниот Никола Јаничиќ (23 поени во првото полувреме) на одмор заминаа со водство од 57-44.
Австријците во второто полувреме очекувано успеаја да го неутрализираат Јаничиќ, но затоа во ритам влегоа дел од останатите кошаркари. Предноста беше и дополнително зголемена, по што иако станува збор за играчи до 18 години, нашата селекција многу искусно знаеше да го контролира резултатот до самиот крај и конечните 98-88.
Никола Јаничиќ со 30 поени, пет скока, четири асистенции и четири украдени топки беше главна фигура на натпреварот, а во македонскиот дрес блескаа и Стојковиќ со 15 и Младеновски со 14 поени. Двоцифрен ефект имаа и Лука Марјановиќ со 12 и Марко Луканоски со 10 поени и 7 скокови.
Покрај Македонија и Австрија, промоција во А-дивизија обезбеди и селекцијата на Бугарија која во мечот за третото место ја совлада Полска со 85-64.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА