Ако во ракометот имаме екипи во ЛШ и континуитет на репрезентацијата, а во фудбалот зрак на оптимизам дава младата репрезентација, тогаш кошарката дефинитивно ни тоне во дупка без дно. Лига полна со странци, репрезентација без концепт на која селектори и се менуваат секоја година, млади селекции кои тонат во Б дивизиите, клубови желни за власт и претседател кој допрва учи што значи да се води национална федерација… во таков тон мина и 2016 година, од која избравме 12 моменти, личности и клубови … како огледало на тоа до кое „дереџе“ ни стигна спортот во кој во 2011 година бевме четврти во Европа.
„Кам-бек“ на годината: Петар Наумоски
Со своите лоши одлуки и изборот на селектор и странски играч е меѓу главните виновници за фијаското на репрезентацијата, но Наумоски доживеа неверојатна „трансформација“ во последните месеци, од лош претседател до спасител на мак-кошарката. Тоа му го овозможија клубовите кои тврдоглаво инсистираа на задржување на големиот број на странци. Наумоски цврсто застана во одбрана на македонските кошаркари, ги придоби симпатиите на јавноста, па на крајот и го „преживеа“ Вонредното собрание на кое сакаа да го сменат.
Разочарување на годината: Репрезентација на Македонија
Да не заборавиме дека само пет години пред септемвриските квалификации Македонија беше четврта репрезентација во кошаркарска Европа. Можеби тогаш ги надминавме и сопствените можности, но во секој случај разочарувачка е реалноста дека сега „црвено-жолтите“ не се доволно добри ни да играат на Евробаскет 2017, и тоа во ситуација кога бројот на учесници е зголемен на 24.
Згора на тоа, очајните резултати придонесоа Македонија да мора да игра претквалификации за претстојниот мундијал, на ниво на едно Косово. Јасно е дека тонеме во една дупка без дно, а тој пад многу тешко ќе се запре ако се земат во предвид и младите генерации кои допрва доаѓаат, а кои се близу до дното во Б дивизиите од своите возрасни селекции.
Најголем напредок во годината: Карпош соколи
„Соколите“ од Карпош ја надминаа фазата на „маалски клуб“. Во 2016 најпрвин стигнаа до финалето од Купот на Македонија (загубија од МЗТ), а потоа и се решија на храбар чекор и се впуштија во авантурата наречена АБА-лига. Стартот беше очаен, но со доаѓањето на новиот тренер Николиќ „соколите“ почнаа да наликуваат на сериозен тим, барем при настапите на домашен терен каде нанижаа пет победи во серија.
Најмал напредок во годината: МЗТ Скопје
Ако проектот е сериозен, логично е секоја година да има напредок. Тоа кај МЗТ Скопје не е случај, па „металците“ по ланската сезона во која стигнаа до двојна круна на домашната сцена, очајно ја стартуваа оваа новата. Нови смени на тренери, промашени засилувања и театарска атмосфера во „СЦ Јане Сандански“, згора на тоа и очајни резултати кои придонесоа македонскиот првак да го заврши Еврокупот со 0-8, а да падне и на последното место во АБА-лигата. Полошо од тоа, не се може.
Промашување на годината: Турнејата во Кина
Тотално промашување на Македонската Кошаркарска Федерација во обид да стигне до дополнителен приход. Договори турнеја на Далечниот Исток, а потоа не можеше да собере играчи за да настапуваат за националниот тим во овој комерцијален проект. На крајот, немаше ниту доблест да го откаже настапот, туку присобра странци да настапуваат во комбиниран тим со нашите млади кошаркари. Се знае кој имаше поголема минутажа, а кој ја грееше клупата – за доброто на македонската кошарка.
Пародија на годината: Вонредното Собрание
Прволигашите водеа битка со Наумоски, стартот на првенството доцнеше, за на крајот да биде договорено Вонредно собрание да се одржи на 15 декември со само една точка на дневниот ред – доверба во работата на претседателот. Сите го чекаа тој 15 декември, а кога дојде, секој си толкуваше правилници за работа и Статут како што му одговара, се слушнаа обвинувања и закани за кривична одговорност… и се си помина. Во спортот на крајот се памети само конечниот резултат, а тој беше 18-10 за останување на Наумоски на чело на мак-баскетот.
Симултанка на годината – Бојан Трајковски
Прв меч од финалната серија меѓу МЗТ Скопје и Куманово, „металците“ имаа и 11 поени предност. Тогаш работите во свои раце ги зеде Бојан Трајковски, коој постигна дури 17 поени во низа, го сврте резултатот во полза на кумановци и му помогна на својот тим да го освои Аеродром. Куманово поведе со 1-0, но не успеа да ја искористи оваа предност, па ја загуби финалната серија со 1-3.
Лузер на годината: Заре Марковски
Некогашниот селектор беше доведен во федерацијата за да ја има улогата на директор, но проблемот му беше што сакаше да се меша буквално во се. Однапред осуден на пропаст, беше само прашање на време кога Наумоски ќе се откачи од него за да се спаси себе си. Тоа се случи при промоцијата на Раца за селектор, кога дури и потпросечниот српски стратег си изгради цврст став – дека нема да дозволи некој да му се меша во работата.
Заре без проблем си најде нов ангажман, додуша во втората италијанска лига, но и таму доби отказ по неполни три месеци, „поради неможност да се создаде адекватна атмосфера меѓу него и екипата“. Сигурно било до екипата, како што беше до целата мак-кошарка.
Малер на годината: Дамјан Стојановски
Дамјан одигра фантастично во финалната серија со Куманово, но за жал кога требаше да продолжи во ист ритам и во репрезентативниот дрес дојде до нова повреда. Повторно сериозна, проблем со лигаментите на коленото.
Разочарувањето кај сите беше огромно, но Дамјан еднаш покажа дека има сили да надмине ваков сериозен проблем и да се врати во топ-форма. Не се сомневаме дека тоа може да го стори повторно.
Трансфер на годината: Владо Илиевски
Искусниот плејмејкер во својата кариера настапуваше во бројни земји, за сега пред самиот крај да се врати во Македонија. Во последните години за него се интересираше и МЗТ Скопје, но Илиевски го избра Работнички, како дел од проектот на екс-селекторот Докузовски, со поранешниот репрезентативен колега Чековски и струмичанецот Мираковски.
Ретки се големите асови како Владо Илиевски, па за поздравување е што македонски клуб успеа да го врати „дома“, за барем пред крајот на кариерата и овде да покаже дека кошарката е многу едноставна игра кога гледате како ја играат мајстори.
Настан на годината: Фенербахче во Скопје
Работнички со стил го прослави својот 70. роденден, па во Скопје пристигна европскиот вицешампион Фенербахче. Празник на кошарката, преполна сала „Борис Трајковски“ и дефинитивно простување на Тодор Гечевски, со поени крај својот добар пријател Перо Антиќ.
Писател на годината: Драган Раца
На Србинот едноставно мора да му се даде „награда“ за реализираното во 2016 година, кога веќе не може за тренерски, тогаш барем за писателски способности. Ете, Раца е најдобар писател меѓу кошаркарските терени. Штета што теоријата и праксата не се исто.
Каде ли само го најдоа и избраа за да стане селектор на Македонија, па да ја врати репрезентацијата уште три чекори наназад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА